ЕКОС – Развој на енергетски конкурентно и одржливо стопанство

ЕКОС е кампања на Министерството за економија на Република Македонија која има за цел практично да укаже дека има голем потенцијал за штедење на енергија кај малите и средни претпријатија (МСП).

Статистиката укажува дека потрошувачката на енергија особено кај  производните МСП има голем удел во вкупните трошоци на ниво на претпријатие кои го намалуваат профитот и влијаат на конкурентноста на производот или услугата. Преку ‘домаќинско’ раководење со потрошувачката на енергија во фирмите може да се оптимизира потрошувачката на енергија, а со тоа да се намали загадувањето на животната средина и да се помогне во намалување на последиците од климатските промени.

Кампањата доаѓа во вистинско време да одговори на повикот за заштеда на енергија согласно насоките на стратешкиот документ на ЕУ „Патоказ за придвижување кон конкурентно стопанство во услови на ниски јаглеродни емисии до 2050“.1 Една од клучните препораки се однесува на ефикасна потрошувачка на енергија на индустриската опрема, подобрена информираност на МСП за можностите за заштеда, енергетски контроли и воспоставување на системи за енергетски менаџмент. Оттука и националните стратешки документи ја уважуваат заштедата на енергија во индустријата како клучна мерка во севкупните активности за ефикасно користење на енергетските ресурси. Националните цели2 за годишна заштеда на енергија преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност до 2018 година се проценуваат 90,45 ktoe1 , што претставува 14 % од вкупната потрошувачка на енергија во државата.

Понатаму, оди и чекор понапред. Имено, предлог Акциските планови за ефикасно управување со енергија ќе претставуваат солидна основа за подготовка на документација за примена на Стандардот за раководење со потрошувачка на енергија 50001, при што енергетски ефикасното работење на организациите им помага во оптимално искористување на ресурсите и грижата за околината.

За поттикнување на енергетски заштеди и постигнување на одржливо стопанство од големо значење е спроведување на мерки за заштеда на енергија по претходно прецизно утврдена енергетска ситуација во едно претпријатие. Со кампањата ќе бидат опфатени десет претпријатија од целата територија на републиката кои на јавен повик изразија подготвеност активно да се вклучат во процесот и понатаму да претставуваат поттик за другите да го следат нивниот пример. Во ЕКОС ќе учествуваат претпријатијата: Свисслион Агроплод (Ресен), ПИ Свисслион (Скопје), Дрога Колинска (Скопје),  Раде Кончар (Скопје), ДЕ Јуре Џеват и др. (Скопје), Фротирка Компани АД (Делчево),  ДХУ Арка (Скопје), ЈПКД Огражден (Босилово), Електро Шарри (Желино) и   Унипалас (Кавадарци).

За постигнување на ефикасна потрошувачка на енергија ЕКОС предвидува низа активности меѓу кои:

  • Изработка на прашалник и упатство  за утврдување на актуелната енергетската состојба во претпријатијата. Обука на техничките лица од претпријатијата за пополнување на прашалникот, начини на мерење и следење на потрошувачка на енергија, користење на софтверски алатки за таа потреба, по што ќе следи целосна Енергетска контрола од страна на  стручни лица. Овој стадиум е од посебна важност бидејќи влезните податоци за потрошувачка на енергија се основа за сите анализи и конечно за предлог мерки за штедење.
  • Подготовка на Акционен план за спроведување на мерки за заштеди и рационализација во потрошувачката на енергија. Овие документи се од голема важност за обезбедување на средства за финансирање на мерките за енергетска ефикасност кај трети лица/организации.
  • Спроведување на трибини во регионите од кои потекнуваат претпријатијата за зголемување на интересот за енергетска ефикасност кај другите деловни стопанственици во соработка со стопанските комори, единиците на локална самоуправа и центрите за развој на планските региони.
  • Континуирано информирање на пошироката јавност како и на  засегнатите страни како што се останатите претпријатија, стручната јавност со посебен акцент на енергетските контролори и комерцијалните банки.

Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ ќе ја спроведува кампањата во периодот од јуни до ноември 2016 година. Здружението МАЦЕФ е еден од првите субјекти во Македонија што активно се занимава со енергетска политика и работи на зголемена употреба на мерки за заштеда и намалување на потрошувачката на енергија во сите домени на општеството. Повеќе за МАЦЕФ на www.macef.org.mk.

Секторот за енергетска ефикасност при Министерството за економија оваа кампања ја реализира паралелно со повеќе слични активности во насока на постигнување на целите зацртани во стратешките документи наменети за зголемување на енергетска ефикасност во Република Македонија. Преку кампањата ЕКОС, Министерството за економија ќе ја придвижи Македонија кон исполнување на националните цели за спроведување на мерки за енергетска ефикасност во индустријата.

Posted in Завршени проекти, Проекти.

Саше нема био за сега